септември 27, 2023

Боцевски: Македонија може да го врати името во ОН со просто мнозинство ама за тоа треба дипломатија


Во колумна во НМ, Боцевски ги коментира ставовите на професорот по меѓународно право, Игор Јанев, дека ООН може да се искористат во борбата за враќање на уставното име на државата.
Јанев вели одлуката да се врати името Република Македонија во Генералното собрание на ОН може да помине со просто мнозинство и никој не може да ја спречи.
– Имено, ако Резолуцијата се најде во Генералното собрание на ОН, во сала во која да речеме има претставници на 100 држави, од нив ќе бидат потребни 51 глас „за“ за предлогот „Република Македонија“ повторно да биде наше уставно име. Во Генералното собрание на ОН никој нема право на вето, сите се еднакви, за разлика од Советот за безбедност, каде што пет членки имаат право на вето – нагласува Јанев.

Македонското прашање во ОН е процедурално!

Професорот понатаму додава дека секоја донесена резолуција од страна на Генералното собрание на ОН ја обврзува Светската организација да постапува кога станува збор за членските прашања.
– Резолуциите на Генералното собрание на ОН не обврзуваат по безбедносните прашања, но ја обврзуваат ООН по членските прашања. Нашето прашање сега е процедурално. Ако помине Резолуцијата на Генералното собрание на ОН со просто мнозинство, тогаш ќе добиеме право одново државата да ја именуваме како „Република Македонија“. Со тој чекор проблемот со идентитетот и името завршува – категоричен е професорот Јанев.
Негово мислење е дека ако се издејствува ова во ГС на ОН, тогаш сите проблеми со Бугарија и со Грција ќе бидат ставени во втор план.
– Нормално, препорачливо е да се раскине Договорот со Бугарија од 2017 година, исто како што треба да се раскине еднострано и Договорот од Преспа – заклучува Јанев.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски се согласува дека Македонија може да си го врати уставното име во ОН, но дека за да се случи такво нешто, земјата треба да има исклучително способна дипломатија и изградени предуслови за таква дипломатска акција.
– Апсолутно дека може, но, за жал, македонската дипломатија во моментов не е дорасната за една таква битка. Ние имаме сега една провинциски поставена дипломатија, без нејзино реално присуство во новите центри на политичка, економска и културна моќ во светот. Немаме амбасади во сите главни градови на земјите-членки на Г20, немаме генерални конзулати во сите клучни глобални градови, немаме мисии во клучните воневропски регионални организации и интеграции. Немаме ни мисии во сите центри на ООН – вели Боцевски.
Според него, со години едно од најзатворените катчиња на македонската дипломатија е мултилатералата, па Македонија не може да се пофали со многу успеси на тоа поле, затоа што воопшто и не учествува во многу мултилатерални натпревари, а не се ни обидува да ги вклучи сите потенцијали од македонското општество во мултилатералата.
– Оттука, одговорот е – да, секако, Македонија може да си го врати името и да издејствува осуда за целата брутална епизода со срамното преименување на една европска земја во 21 век. Но за да се случи тоа, потребни се предуслови што се развиваат со години и со децении – заклучува Боцевски.