септември 27, 2023

Христос и фарисеите

Безимените

Размислувам и си велам:

Со децении чекавме благослов и томос од СПЦ. Но СПЦ, според нив, чекаше наше духовно созревање. Според моето скромно мислење, чекањето беше зачинето со политика, но нејсе. Нашето беше да работиме за наше добро, по онаа народната „трпение-спасение“. Чунки на тој начин, ако не сме зрели, ќе созреевме. Ако пак беше политика, кабаетот ќе беше на СПЦ и нивните останати помесни другарчиња.
Но во даден момент, неочекувано, булук демократија се вдаде во Македонија, а со тоа и во црквата наша. Та така, „далекувидите“ владици наши во БПЦ се вдадоа, Мајка да си бараат. А кога одиш на пазар нешто да бараш, треба нешто и да дадеш. Е, тие го дадоа благословот од онаа народната, што ни носеше спасение. Во својата духовна демек-длабочина, си помислија дека парчето хартија од Фанарот издејствувано преку БПЦ, на кое би пишувало „Не сте повеќе расколници“, ќе ни‘ ги отвори портите од рајот. Чиниш Бог на Вартоломеј да му е слуга, та не смее да ни ги помилува душите без амин од Фанарот.
И пак нејсе. Во меѓувреме, Фанарот егоцентрично наметна нов начин на усогласување во Православната Екумена, поради што се сруши мостот помеѓу Цариград и Москва, и Екумената поделена, остана да виси на по еден крај од кончето. Таму некаде, БПЦ ја спушти мајчинската рампа, а нашите владици се вдадоа директно во Цариград, кај гркот Вартоломеј. А тој, милозливиот, кој истура елеј на раните на македонските души православни, веднаш си го испорача својот услов – Името ваше, за пусулчето мое.
И така, се вратија дома весели владиците наши, со пусулчето данајско на кое пишува:
Да си се вратите сега назад во редот кај СПЦ, и да продолжите да си се договарате како порано. Но за разлика од порано, сега безимени ќе бидете.
Туку за крај, во сета оваа жална фарисејска каша, да се потсетиме на зборовите на Христос, Спасителот наш:
„Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив.“
Амин.

Автор: Климе Новески