Хистерична цензура насочена кон Русија, колумна ЗА РЕС ПУБЛИКА

РИСТО ДАМОВСКИ
Методите на западната цензура личат на морбидните репресивни мерки што ги воспоставувале тоталитарните режими од 20 век врз своите општества, заради нивна целосна узурпација.
Токму вакви методи Западот применува денес, насочени кон сѐ што е руско, со што поттикнува и ширење сериозна омраза спрема руската музика, литература, традиции, историја, па хистеријата резултираше со бришење на Чајковски од балетските репертоари и на првиот човек во вселената од вселенските конференции (најсмешно е тоа што Јуриј Гагарин всушност е прилично популарен во Украина).
Зарем ширењето омраза кон сѐ што е руско претставува либерална, демократска, толерантна, слободарска и слободоумна вредност?
Контрадикторноста и нелогичноста на западната мисла се огледуваат и во барањето сите руски јавни личности што живеат во странство јавно да ги осудат ставовите на Путин и инвазијата во Украина.
Секоја поддршка за Русија претставува богохулење и со огромна леснотија влегувате во мелницата на здравиот разум, популарно наречена култура на исфрлање, односно „cancel culture“. Европската комисија ги забрани државните медиуми на Русија, РТ и Спутник. Откажувањето и поништувањето медиуми и новинари претставуваат сериозно нелиберални дејства, а нели впрочем Западот е поборникот и заштитник на либералните вредности како слобода на говорот, осуда на говорот на омраза, толеранција итн.
Освен руските културни работници, отсекаде се отстранети и руските спортисти.
„Балканизацијата“ на Западот
Дали сега Западот ги поседува сите оние „квалитети“ што им ги припишуваше на земјите од Балканот? Примитивизам, нетолерантност, практично непостоечка слобода на говор и селективност кога станува збор за говорот на омраза. Па нели сите овие години ЕУ и САД ни промовираа, нам, на варварите од Балканот, либерални и слободоумни вредности?
Западот сам си ги напаѓа и бескрупулозно ги поништува цивилизациските придобивки за кои имало вековни борби. Слободата, слободата на говорот, толеранцијата.
Цивилното општество и граѓаните на земјите од Западот не смеат да се навикнат на оваа груба и неоправдана цензура, која сѐ повеќе и повеќе наликува на дистопијата опишана од Орвел.
Ова не значи заземање на една страна. Насилството и војната никогаш не претставувале и не смеат да претставуваат легитимни средства за постигнување на целите, но исто така не смееме да заборавиме дека слепата осуда може да нѐ доведе само до слепа омраза, осуда и демонизирање исклучиво на едната страна.
Напротив, во моментов светот има потреба од рационални мисли, проследени со хумана, човечка совест, а не со надворешно зголемување на омразата и поттикнување на гневот.
линк до целиот текст на РИСТО ДАМОВСК za https://respublica.edu.mk/blog/politika/histerichnata-cenzura-nasochena-kon-rusija/?fbclid=IwAR0rPp2bZwFIe7lHg3qsUab-wl1GBR-B0MybX7f-E4j5f74mPsnErL0fNNQ
Ристо Дамовски е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје. Моментално е редовен студент на магистерските студии по Меѓународни односи, европски интеграции и дипломатија. Ги следи општествените и политичките настани во Македонија, регионот и светот. Други сфери на интерес покрај магистерските студии му се политичката психологија и антропологија, историјата и безбедносните прашања.