Финска: влез во НАТО ќе ни донесе тензии, Финска има долга граница со Русија

Аплицирањето на Финска за членство во НАТО би претставувало „голем ризик“ што може да ги зголеми тензиите во Европа, вели финскиот претседател Саули Нинисто и додаде дека Финска бара начини да ја подобри безбедноста по рускиот напад врз Украина.
Тој ова го кажа откако првпат мнозинството Финци сакаат да влезат во НАТО, покажуваат резултатите од анкетата спроведена од јавниот сервис минатата недела, каде 62 отсто од возрасните граѓани изјавиле дека сакаат членство, а 16 проценти биле против.
Според Нинисто членството во НАТО е една од двете главни алтернативи на Финска за безбедност во ЕУ, додека другата е зајакнување на одбраната со САД и соседна Шведска.
– Нашата почетна точка е да бараме нешто друго, наместо само да продолжиме вака, како досега – изјави Нинисто за „Фајненшл Тајмс“.
Со децении поддршката на Финците за членство во НАТО беше околу 20 отсто, додава „Фајненшл тајмс“.
Доколку финските политичари го поддржат членството во НАТО, тогаш поддршката од народот би била 74 отсто, се додава во истражувањето на финскиот јавен сервис.
– Многу добро го разбирам сето тоа, бидејќи нашето членство може да изгледа како нашата грижа да е завршена. Но, сите други алтернативи вклучуваат ризици кои треба да ги видиме. Во моментов најголем ризик е ескалација на ситуацијата во Европа, рече Нинисто.
Финската Влада подготвува „бела книга“ за безбедносните опции, вклучително и потенцијалното членство во НАТО, пишува ФТ, додавајќи дека Парламентот е подготвен да одлучи дали ќе поднесе барање за членство во НАТО во наредните месеци.
Од земјите-членки на Европската Унија, Финска има најдолга граница со Русија – 1.340 километри.