Украина: Oбид за убиство на украинскиот претседател Зеленски?

Украина тврди дека денеска уништила елитна група чеченски борци кои планирале атентат на претседателот Володимир Зеленски.
Олексеј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, за време на денешното телевизиско обраќање рече дека единицата „која дојде да го убие нашиот претседател е елиминирана“.
– Веќе сме свесни за специјалната операција што требаше да ја изврши единицата на силите Кадиров, рече Данилов на ТВ каналот Украина 24, пренесе Дејли Мирор.
– Информациите ги добивме од претставници на руската Федерална служба за безбедност кои не сакаат да учествуваат во оваа крвава војна. Единицата на силите Кадиров, која дојде да го убие нашиот претседател, беше елиминирана, рече Данилов.
Тој додадде дека единицата била поделена на две групи и дека нејзините движења внимателно се следат.
Тој рече дека една од двете групи била под оган од украинските сили во Хостомел – северозападно предградие на главниот град на Украина Киев.
Данилов рече: „Ние никому нема да го дадеме нашиот претседател или нашата земја. Ова е наша земја, бегајте одовде“.
Откако започна руската инвазија на 24 февруари, постојат стравувања дека претседателот Зеленски би можел да биде убиен од руските сили. Во своето обраќање тој дури рече дека бил цел број еден на атентаторите на Кремљ.
„Јас сум цел број еден, мојата сопруга и децата се број два“, рече тој минатата недела.
Сепак, и покрај заканата по неговиот живот, тој продолжи да проектира пркос пред лицето на опасноста и да стане лице на отпорот на Украина.