септември 26, 2022

Украина во НАТО беше определба на Порошенко, обвинува советник на Зеленски

Поранешниот украински претседател Петро Порошенко е делумно виновен за војната која во моментов се води во Украина, бидејќи во неговиот мандат во уставот на земјата била воведена одредбата за определбата за членство во НАТО, рекол во саботата за телевзијата Прямой Олексиј Арестович, советникот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател Владимир Зеленски.

„Кога Порошенко го воведе тоа, тоа беше неговата лична пиар-технологија. Тогаш веќе знаеше дека НАТО никогаш нема да нѐ прими. Дел од вината за она што сега се случува во Украина носат и оние кои ја усвоија и промовираа оваа одредба во Уставот“, рекол Арестович, пренесува всникот Українські Новини.

Поранешниот претседател во февруари 2019 година го потпиша законот за аспирацијата на Украина за членство во НАТО и ЕУ внесен во Уставот на земјата. Според овој амандман, украинската влада е должна да го реализира курсот за приклучување кон двете асоцијации, а гарант за тоа е шефот на државата.

Сегашниот украински претседател Зеленски тогап се залагаше за влез на земјата во НАТО, па така во април минатата 2021 година изјави дека пристапувањето на Украина во Алијансата е „единствениот начин да се стави крај на војната во Донбас“, бидејќи акцискиот план за членство во НАТО ќе претставува „вистински сигнал за Русија“. Подоцна во септмеври Зеленски изјави дека американскиот претседател Џо Бајден се согласил со членството на Украина во Северноатлантскиот воен пакт, истакнувајќи дека решението на ова прашање, сепак, не зависи само од Вашингтон.

Меѓутоа, по започнувањето на руската офанзива и страшните разорувања во Украина, Зеленски неодамна изрази подготвеност да разговара за статусот на земјата надвор од НАТО, што е еден од условите што ги поставува Русија која ваквата ситуација ја смета за закана по нејзината безбедност.

Зеленски изјави дека „одамна се оладил“ по прашањето за членството на неговата земја во НАТО, бидејќи во Киев сфатиле „дека НАТО не е подготвен да ја прими Украина… поради стравување од конфронтација со Русија“. На 15-ти март тој порача дека е неопходно да се признае фактот дека и покрај изјавите за отворени врати, НАТО нема намера да ја прифати Украина.

текстот е преземен од Нетпрес