декември 5, 2023

Спорот со Бугарија ја загрозува безбедноста и е окупација на Македонија, вели Боцевски

Македонско-бугарскиот спор околу идентитетот, историјата и јазикот е толку значаен и многумина македонски општественици и интелектуалци предупредуваат дека овој спор има и димензија на загрозување на националната безбедност на Македонија?, вели Ивица Боцевски во колумна објавена во Нова Македонија.
Македонците се вознемирени од бугарските барања за преобликување на современиот македонски идентитет, јазик и историја. Македонскиот одговор на прашањето „Што е Македонец?“ е самиот темел на современата македонска државност, исто како што украинскиот одговор на прашањето „Што е Украинец?“ е единствениот потпорен столб на современата украинска државност. Нациите, поточно државите, се потпираат на национална повест, врамена во националната историја, раскажана низ посебен национален времеслед и опеана во националните митови. Не постои друго сврзувачко ткиво на една држава. Граѓаните имаат и рационален однос со својата држава, но и длабока емотивна врска, која оди од мавтање знамиња и пламено навивање кога игра националниот спортски тим, па до подготвеност да се облече униформа на сопствената земја и да се стави сопствениот живот на располагање на државата за нејзините цели.
Така и ние Македонците се бориме за влез во Европската Унија, но единствено како земја каде што постои внатрешен македонски одговор на прашањето „Што е Македонец?“ и како ни се вика земјата. Сѐ друго е само брутална окупација на еден народ, независно дали доаѓа преку тенкови или преку пенкала. Затоа, оставете ни нам Македонците да си го градиме нашиот македонски одговор на прашањето „Што е Македонец?“, а идејата за Европа не заслужува таа да биде жртвувана заради нечиј шовинизам и империјализам, особено не во овие нови историски околности на континентот, ја завршува колумната Боцевски, доскорешен македонски амбасадор во Бразил и екс функционер во владата на ВМРО – ДПМНЕ предводена од Груевски.

Целата колумна Што е Украинец а што Македонец на линкот /https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/shto-e-ukrainec-a-shto-makedonec/