декември 5, 2023

Сега во МПЦ-ОА мора да бидат мудри да не се согласат на уцени и на какви било услови во однос на името, јурисдикцијата или Томос – порачува Ињац

Српскиот верски аналитичар Жељко Ињац во разговор за „Локално“ смета дека Вселенската патријаршија секако ќе се обиде да ја потчини новата македонска црква, како што тоа го направи со расколничката црква во Украина, давајќи ѝ еден вид полуавтокефалност со создавање црква што повеќе личи на парохија отколку на локална црква, за да ги оправда своите неопапистички претензии.

Ињац: Сега во МПЦ-ОА мора да бидат мудри да не се согласат на уцени и на какви било услови во однос на името, јурисдикцијата или Томос, без разлика кој ќе го додели.

– Но, единствено валидно е тоа сите помесни цркви ја признаат Македонската црква под нејзиното целосно име и презиме, по древната православна практика. Вселенската патријаршија е мајка на сите словенски цркви, но не е мајка на сите цркви, таа е сепак Ерусалимска патријаршија. Сега во МПЦ-ОА мора да бидат мудри да не се согласат на уцени и на какви било услови во однос на името, јурисдикцијата или Томос, без разлика кој ќе го додели – порачува Ињац.

Српскиот аналитичар претпоставува дека вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе направи нешто слично како српскиот патријарх, без давање Томос, но најверојатно нема да ја пропушти приликата да го нагласи неговиот наводен примат во православната црква и тоа ќе биде крај, барем во оваа фаза.

На прашањето дали најавениот Томос за автокефалност на МПЦ-ОА ќе важи и за епархиите надвор од територијата на Македонија, аналитичарот вели дека тоа ќе зависи од тоа кој ќе го додели Томосот.

– Ако го дадат Србите, ќе биде, како што се наведува во соопштението на Соборот на СПЦ, дека МПЦ-ОА ќе ја добие сета јурисдикција над своите верници, како во татковината, така и во дијаспората. Ако го даде Вселенската патријаршија, која има претензии кон дијаспората на сите помесни цркви, тешко дека МПЦ-ОА ќе ја задржи дијаспората. Тоа е сега борбата пред МПЦ-ОА за целосна јурисдикција над своите верници и балансирање меѓу СПЦ и Цариград. Српската православна црква не може повеќе од ова, а зад Вселенската патријаршија стојат моќни светски центри. Владиците од МПЦ-ОА и властите треба да бидат мудри да не се замерат со моќниците, а сепак да се изборат за своите права. На вашата црква и натаму ѝ претстои мачна и тешка борба да ја потврди својата духовна самостојност – порачува Ињац.

Извор: плусинфо.мк