мај 29, 2023

РАДОМИРОВ CONTRA МЕНКИНОСКИ

Иако овој човек всушност претставува класичен пример како може едно битие родено на почетокот како човечко, да се претвори со текот на животната метаморфоза во еден организам кој ги содржи сите античовечки одлики, како што се неговата жед за материјалното (посакувањето), неговиот понизен однос кон материјално по-обезбедените (стравот од силата на светов), неговата перверзност (туѓото си го претставува за свое, вистината ја претвора во „лага“, лагата во „вистина“, жената во сексуален објект, работникот во роб итн.) и неговиот бол којшто му се причинува од неможноста и недостапноста на лествицата која води до висините на кои се сместени луѓето кои ја пратат Вистината, наспроти материјата и како награда истите добиваат разни благодатти кои може да ги прими едно човечко битие; сите тие мои сознанија укажуваат дека овој човек не заслужува ниту една капка, ниту еден секрет од носот или устата да му се фрли, а камоли да му се даде чест за јавна дебата за големите работи!

Сепак кога ваквите битија започнуваат да зборуваат за големите теми, должност е да бидат одвлечени како прифатливи за широката јавност, т.е. нивните „аргументи“ за големите идеи – нивни „аргументи“ кои во суштина најчесто претставуваат украдени туѓи мисли ставени во една компилација и кои истата си ја нарекуваат подоцна како  „моето размислување“!?

Па така нашиот амбициозен „филозоф“ Менкиноски на почетокот ќе напише:

„Принципот дека прво сте етнички Македонец, а потоа муслиман, атеист, агностик, христијанин и така натаму треба да биде идниот темел на македонската нација. Да ги поправиме грешките од минатото. Да зборуваме и да градиме современа македонска нација од обединет македонски етнос.“

Contra: „Филозофов“ бидејќи освен материја не знае за ништо друго во животот, говори дека требало да биде принцип на современата македонска нација во иднината прво да сте етнички Македонец, притоа мислејќи се на генетскиот идентитет; тука веднаш забележуваме дека писателот воопшто нема поимање блиско до вистината, што воопшто претставува „нација“ и „етнос” и како не може етничкиот Македонец да биде принцип или темел за современа нација од причина што етносот, или етничкиот Македонец, може да биде темел или принцип само и само на/за Македонскиот народ! Еден поголем род, кога ќе почне да надвладува врз другите соседни родови на еден простор создаваат поброен компактен колектив – племе/етнос; а пак едно племе кога ќе почне да надвладува врз другите соседни племиња се создава народ/лаос; до појавата на Француската масонска револуција, инспирирана од паганската Атина, не постоеше општествен поим сходно ниту процес кој би довел до „нација“ – нацијата е составена од демос (којшто погрешно се толкува како народ) туку демосот, односно демите се одредени луѓе кои исполнувале тогаш одреден цензус на материјален посед, или буржуи од класичниот период на древната Хелада!

Дополнително, „филозофов“ забележуваме дека не е воопшто запознаен дека при процесот на создавањето дал на племето или пак на народот, во метафизичката сфера се создава и сет на слични убедувања или колективен светоглед – менталитет, кои се основата за создавањето на религијата/верата; па така забележано е дека кај малите родови најчестите се многубоштвата; а пак кај народите најчестите се монотеистичките вери – затоа при процесот за етаблирање на цврсти основи на народниот идентитет е битна Црквата, односно Верата!

Впрочем постои цела наука за изучување на овие процеси, која се нарекува етносоциологија, а внатре во неа имате методи како етностатика, етнокинетика итн… Но нашиов „филозоф“ и онака не е заинтересиран да истражува и да научи нешто повеќе за овие работи, од причина што веќе имаме утврдено и осознаено дека тој кажува или пишува нешто, само за да каже или напише нешто и да заличи на „интелектуалец“, а не зошто навистина има што да каже или напише!

Нашиов „филозоф“ продолжува па вели:

„Секуларизмот на македонската нација треба да започне со јавно извинување за нашето отфрлање на Македонците што практикуваат ислам…“

Contra: Тука забележуваме преземени туѓи мисли во овој компилиран текст, од причина што секуларизмот се подразбира под нацијата, затоа што нацијата има отсекогаш само еден принцип – а тоа е припадност согласност со правото (секуларното) односно со посед на државјанството; согласно тоа не гледам повод зошто идната секуларна македонска нација би требала да се извинува на Македонците со муслиманската вероисповед, кои претставуваат всушност свој посебен етнос во рамките на Македонскиот народ!? Доколку „филозофов“ мислел да постои извинување затоа што истите не се од преовладувачката Вера на Македонците – Христовата, православната – тогаш зошто Македонците-муслимани не се извинат на Македонците-православни, затоа што историјата бележи дека Македонците-муслимани пред да дојдат Турците, потпаднале под притисокот и се откажале од својата првобитна Вера!? Ако замижиме пред оваа историска дијалектика, можеби е подобро да не зборувам за проалбанскиот и протурскиот грев што денес го чинат Македонците-муслимани, кои од лукративни причини се пишуваат себеси за етнички Албанци и/или за етнички Турци, дури и гласаат за партии на Албанците и на Турците во Македонија, ја донесуваа партијата ДУИ во Пелагонија за локална власт, а со тоа, директно и официјално се косат со општи политички интереси на Македонците!

Дотолку подобро е да не зборувам пошироко и за партијата ПЕИ, на Фијат Цаноски, коишто во својата програма имаа предвидено и точки за создавање на свој посебен „Торбешки народ“, кој би бил одделен од Македонскиот!

По која логика треба да се извинуваат оние коишто издржале и уште додржуваат на/до своето, трпејќи со векови материјални и човечки загуби, и тоа на оние коишто не издржале!? Таа е логиката кога во главата и срцето ви царува материјата: криви се оние коишто во моментов се обесправените, немоќните, без големите материјални поседи – мисла ала „сам си крив што си сирот”, небаре предаторскиот ни систем нема вина…

Но „филозофов“ во својата шкрабаница започнува и да се додворува, па пишува:

„Со првите денови на постот им посакувам на нашите браќа Македонци да го поминат во благосостојба, со лесно и да ги пратат мир и љубов.”

Contra: Не знам дали истото додворување постои и за Македонците со православната Вера од страна на „филозофов“, за потсетување нашиот Велик и Чесен Пост започна пред еден месец и тој уште трае, до Велигден; но зошто оваа волку големо уважување кон Македонците-муслимани настана, чинам е јасно: од причина што нашиот „филозоф“ е припадник на партија која е во пад на популарност кај Македонците, особено кај оние со православната Вера, па со тоа се бара супститут на гласачи; што е сосем разбирливо, ако ја земеме во предвид амбицијата на „филозофов“, којашто цели кон министерскиот кабинет. Се плашам (иронично кажано) за психолошкото здравје на нашиот „филозоф“, од причина што таа амбиција на крајот ќе испадне само по онаа старата мудра изрека „гладно кокошче просо сонило“!

Продолжува:

„Овие Македонци што по толку голготи успеаја да ги зачуваат нивните традиции и обичаи, кои зборуваат еден од најмилозвучните македонски дијалекти со богата архаичност во нивниот речник, се достојни за почит и поклонение од сите нас! Нивното страдање започнува во дваесеттите години на минатиот век кога започнуваат нивниот прогон и иселување, рангирање како граѓани од втор ред, издвојување и дискриминирање од другиот дел на Македонците само поради нивната верска определба.“

Contra: На која точно традиција мисли „филозофов“!? На нивната првобитна и православна, или пак на онаа наметната од Османлиите!? За потсетување на „филозофов“, по ослободувањето на Вардарскиот дел од Македонија, по 1945-тата, и согласно првиот попис на населението, најбројното малцинство се изјаснило за Турци, односно второ население по број по Македонците; оние Македонци-муслимани смешани со Турците, очигледно себеси се сметале за дел од турскиот свет, и затоа тогаш заминале од Македонија во Турција (по ново Туркије), т.е. не ја чувствувале македонската држава за своја, туку ја чувствувале турската држава за своја! Тие т.н. Македонци во Турција, во најголем дел за себе тврдат дека се „родум од Македонија“ или дека се „од Македонија“, но ретко дека се Македонци, без разлика што има вистина во муабетот и дека голем дел се всушност Македонци по род/gens, односно имаат вид архаична и недефинирана свест за Македонија, тоа најчесто не значи и дека истите се спремни да дадат жртва, или пак дека посакуваат одделна македонска државотворност и самостојност (секоја чест на исклучоците), што е беспредметно да зборуваме повеќе за тоа население денес или во блиска иднина како компактен дел од Македонија и Македонците! Патем етноси со таква архаична свест кои бројат по милиони души има и во Сирија, во Египет, во Авганистан, Узбекистан, а и во Пакистан…

Но „филозофов“ е упорен налик онаа бугарската „т’п ама упорит“ па тврди:

„Целта на ваквото постапување е јасна и недвосмислена, а тоа е ситнење на македонскиот етнос во процесот на создавање на македонската нација. За ова сведочат Македонците што живеат во Турција во градовите како Истанбул, Измир, Бурса, Маниса, Каршијака, Бостанли и така натаму. Тие се иселени од Македонија како топонимска целина со повеќе меѓудржавни договори помеѓу Турција и Грција, Кралството Југославија, па и Титова Југославија во духот на размена на „христијанско со нехристијанско население“. За жал, до ден-денешен оваа обесправеност, дискриминација и нееднаквост траат по други основи и методи, а на штета на сите нас Македонците!“

Contra: Ако ги тргнеме овие бесмислици, наведувам да размислите каква би изгледала Македонија (Вардарскиот дел) денес, доколку покрај Албанците ги имавме како многубројно муслиманско население заедно и со Турците!? Постои една амбициозна студија која тврди дека Македонија ќе станела муслиманска земја во наредните декади и со само 30% население од таа вероисповед; да беше тој процент поголем, веќе ќе бевме прогласени за таква земја, и покрај многубројното, и многу поважното, државнотворечкото население кои се со православната Вера, односно против нивната волја, која очигледно ниеден партиски субјект во Собранието не ја почитува и уважува за сериозно денес.

Па уште пишува:

„Очигледно дека не извлековме наравоучение од минатото, но никогаш не е доцна да ја смениме иднината! Да не го заборавиме фанариотскот и егзархискиот терор кон нас Македонците, кога преку црквата нѐ погрчуваа и нѐ побугаруваа!“

Contra: Скептичен сум во иднина дека луѓето со ваков профил ќе извлечат некое наравоучение од оваа критика, сепак ќе прашам: дали чул „филозофов“ за Јустинијана Прва, за Патрикот и Охридската Архиепископија всеја Македонии!? За културолошкиот и цивилизацискиот придонес оттаму!?

Вистинското лице и намерата на „филозофов“ самиот си го опишува со пишаното тука:

„Религијата очигледно е алатка со која антимакедонските пропаганди царуваат и сакаат да нѐ поделат нас Македонците. Ова во дваесет и првиот век веќе не треба да го дозволиме и треба да дејствуваме во насока на интеграција на Македонците од претходно наведените области и сите оние другите што практикуваат ислам, а целта ќе ја постигнеме кога ќе имаме од нив македонски генерали, доктори, новинари, судии, пратеници, министри!“

Contra: Целта е очигледна: Верата, традицијата, односно вистинските вредности и моралот кои произлегуваат од нив – се денес „надмината“ работа, т.е. „заостаната“! Стабилно чекориме во ЕУ и ова ни претставува само бреме – вид краток официјален став на денешното ЛГБТКјуизираното „ВМРО“-ДП„М“НЕ, партијата во која членува „филозофов“!

И веќе ова е видена работа, од причина што за разбивање на традициите врз кои почиваат европските народи, активно се користат муслиманските малцинства! Ги увидовме придонесите од таа т.н. „позитивна дискриминација“ со Албанците преку Рамковниот!

„Филозофов“ во крешендо-муабет за неговото „филозофирање“:

„Да тргнеме по патот на античките филозофи како Марко Аврелиј и Епикур; средновековните муслимански полимати како Ибн Ружд; мислителите од периодот на просветителството, Дени Дидро, Волтер, Барух Спиноза, Џон Лок, Џејмс Медисон, Томас Џеферсон, кои го прокламираат секуларизмот како правец или гледиште дека човековите дејности и одлуки во општеството не би требало да потпаѓаат под влијанија на религијата. Да се потсетиме на она што нашите предци го имаат вградено во документите на Македонското востание од 1878 г. во Кресна, Крушевскиот манифест и АСНОМ!“

Contra: Не ми е сосем јасно како успеа да се спои во една реченица Марко Аврелиј со Епикур, од кои едниот бил припадник на Stoa-та односно на стоицизмот, кој заговарал аскетски живот, почитување на Творецот, и живот во склад согласно правилата кои постојат во природата, со епикуреанизмот којшто заговарал атомизам, материјализам, речиси скоро сѐ што е спротивно на стоицизмот!? Не знам дали нашиот „филозоф“ е запознаен, но Карл Маркс, лично, има брането свој пишан труд кој за тема го имал Епикур – епикуреанизмот е анабазата на материјализмот, дарвинизмот и комунизмот!

И не знам зошто, но Менкиноски ме потсети на Владо Камбовски, којшто пишал во учебникот „Филозофијата на правото“, парафразирам: дека стоиците всушност биле масони!? На што аналогно на „мудрата“ мисла на Камбовски, би било како јас да кажам дека Менкиноски е „чесен“, „умен“ и „начитан“ човек-„интелектуалец“, односно да кажам или напишам, таква очигледно (барем за мене) невистина!

„Филозофов“ продолжува во стилот wannabe Радомиров:

„И сега главното прашање што ни го има поставено Крсте Петков Мисирков – „Што направивме и што треба да направиме?“

Дозволивме овие Македонци да бидат предмет на асимилација пред наши очи, при што навистина со ништо не може да се оправдаат нашата негрижа и незаинтересираност за нив.“

Contra: Сите кои убаво го знаат овој човек, знаат дека кога прави обид да е силен правник и адвокат, сака, навидум потајно, но сиротиот – чекорите и однесувањето го издаваат, да биде како мојот покоен татко Јаким Наумов; а сега забележувам кога прави обид да пишува за големите работи, сака да биде како мене, односно во мој стил. Што воопшто не ме изненадува затоа што овој човек толку многу работи украде од нас двајцата – што би го спречило да се обидува и во целост да нѐ симулира!? Патем стилот ми се познава тука, по текстовите што ги пишувам на годишно ниво, и коишто беа насловени како „Што направивме и што треба да направиме??“, едни од ретките со таквата тематика во јавниот дискурс, започнати во серија од 2016-тата, објавувани најчесто на празникот 11 Октомври, како вид сеопфатен критички текст и анализа, со цел обид за одговор на овие две суштински прашања на Мисирков (воедно и актуелизирајќи го), којшто истиот ги користел за анализа во своето првокласно геополитичко дело „За Македонцките работи“.

„Филозофов“ станува веќе досаден, па пак продолжува:

„Дозволивме да се албанизираат и турцизираат и да се отуѓат од нас. Интелектуално/политичката елита треба јавно да се извини за сегрегацијата на Македонците што се со муслиманска вероисповед! Да се примени концептот на позитивна дискриминација за овие Македонци за да станат еднакви со другите Македонци. Да се одвојат средства од македонскиот буџет за нивно школување и унапредување, но не како Албанци или Турци туку како Македонци. Да се престане со нивното маргинализирање и користење со погрдни називи, да им се дава приоритет во извршувањето на државните функции.“

Contra: Поточниот глагол е „дозволија“, бидејќи тоа се индивидуални чинови на слабост!

Се прашувам, нашиов „филозоф“ размислува ли воопшто за побројните, Македонците со православната Вера, коишто немаат резервни етнички идентитети и држави!? Што бидна со присилно иселените од преовладувачко муслиманските средини 2001-вата!? Ако е така, барам јавно „позитивна дискриминација“ за Македонците-православни во оние општини во Западна Македонија, кадешто се малцинство – кога веќе се китиме со дискриминацијава…

Крајното, а конечно нешто умно иако чинам неразбрано од самиот „автор-филозоф“:

„Македонската интелектуална и политичка елита треба веднаш да се фокусира на овој проблем и да бара решение и да им даде надеж и верба со своите постапки на овие Македонци, за да се покаже на дело дека Македонија е нивна држава и дека тие се Македонци по род како и сите ние!“

Pro: Во нешто и да се сложиме со нашиот „филозоф“, иако сум скептичен елитата којашто е сервилна и тапа, да изнедри некое свое решение корисно за Македонскиот народ! Елитата којашто го тера на сила ЕУ-векторот во општеството, и којашто ја толерира „Северна“ за реалност, не можат да покажат на дело ниту на Македонците-мохамедани, а уште помалку на Македонците со Христовата вера дека државата е нивна односно наша!

Додека го трпиме северџганскиот јарем, и додека гледаме внатрешно, антимакедонски дејствија од размери видени можеби само во Балканските војни, можеби најдобро е воопшто да не отвараме теми со кои бараме беспотребно извинување односно дополнителни омаловажувања на обесправениот со тоа и длабоко разгневениот Македонски народ! Оти ако тргнеме по оваа правило, да се извиниме на оној дел од Македонскиот народ, кој под притисокот во даден временски период и простор си ја видоизменил својата традиција, и станал етнос сличен но не ист со македонскиот – тогаш ќе треба во иднината да се извинуваме и на оние Македонци кои денес под притисокот се видоизменуваат и стануваат Македонци-со српска или Македонци-со бугарска свест, без разлика што истите се православни, постапката и последиците се исти!

Единствениот начин да се создаде кохезија внатрешно во Македонскиот народ, е само доколку најмногу се уважи и засили јадрото односно најдржавотворниот елемент – а тоа се Македонците кои во исто време веруваат во Христа, зборуваат дека прадедовците им се Филип и Александар Македонски, Јустинијан, Самуил и Крали Марко, претставуваат активната паства на Св.

Климентовата Црква, и коишто го говорат македонскиот јазик! Било кој од овие елементи да отсуствува од целината кај одреден Македонец – истиот е вон јадрото и претставува далеку полесен за потпаѓање под притисокот на туѓото (често и трајно, асимилаторско) влијание!

Авторот на текстот е Филип Н. Радомиров, во облик на контра-ставови на ставовите од текстот насловен како „Прво сме Македонци, а потоа следи религијата и се друго“.