Предвремени избори ако нема согласност за една изборна единица, вели Трајанов

Трајанов се заканува на Владата дека ќе има предвремени избори ако не го подржи предлогот Македонија да стане една изборна единица. Несогласноста за една изборна единица води кон избори, односно ако предложеното законско решение биде блокирано, наш предлог ќе биде – вонредни избори, изјави претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов. Тој укажува дека предлогот за вонредни избори ќе биде додставен доколку ситуацијата тоа го дозволува, односно, како што вели Трајанов, доколку биде завршена војната во Украина, а во земјава имаме стабилна безбедносно-политичка состојба.
Трајанов потсетува дека по една година откако законскиот предлог е поднесен до Собранието, вчера Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во прва фаза го поддржа предлогот за избор на пратеници според пропорционален модел, без изборен праг, со Донтов модел на распределба на мандатите, при што државата би била една изборна единица.
Лидерот на ДС оценува дека конкретниот предлог за една изборна единица наиде на внимание „кај двете страни на политичкиот спектар“, откако пратениците од ДС, ДОМ, ЛДП, ВМРО-НП и ДПТ, како членки на владејачката коалиција во јануари поддршката на новата Влада на Димитар Ковачевски ја условија со барањето „во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик”.
Тоа ја стави Владата под притисок одвнатре, во време кога опозицијата континуирано бара предвремени избори. Како ќе заврши ова барање ќе зависи од фактот дали ќе биде обезбеден консензус меѓу сите партии, но се чини дека и ако не биде обезбеден, малите партии кои се дел од владејачката коалиција сега нема лесно да се решат да ја откажат поддршката на Владата, заради актуелниот момент, вели Трајанов потсетувајќи дека на тоа укажал деновове.
-Но, ако повторно прават трикови, крајниот чекор ќе биде да ја откажеме поддршката на Владата и да одиме на предвремени избори. Сепак тоа нема да го сториме сѐ додека трае кризата во Украина, вели Трајанов, а Демократски сојуз потсетува дека тоа лидерот на партијата го најави уште минатата недела во изјава за „Слободен печат”.