јуни 10, 2023

Пендаровски се сретна со Македонците од Бугарија

Претседателот Стево Пендаровски конечно денеска ги прими ОМО „Илинден“ и претставници на неколку други здруженија на граѓани од Република Бугарија.
Средбата со македонскиот претседател беше побарана од ОМО Илинден-Пирин и другите македонски здруженија во Бугарија речиси пред две седмици. Иако Пендаровски позитивно одговори на барањето за средба, нејзиниот термин беше одложен, официјално поради состојбата со високата заразеност од коронавирусот во двете земји, но неофицијално се чекаше да се одржат средбите во Скопје и во Софија на новите премиери на Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков. Оваа средба е прв прием на Македонците од Бугарија во кабинет на македонски претседател.
Барањето за средба дојде откако Бугарија за повлекување на ветото за македонските евроинтеграции бара гарантирање малцински права на т.н. македонски граѓани со бугарска самосвест, додека Бугарија одбива да ги спроведе 16-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во корист на македонските здруженија и да го признае постоењето на македонското малцинство во оваа држава, која, патем, е и членка на ЕУ и како таква треба да ги почитува и гарантира првата на малцинствата, што, впрочем, е европски критериум.
Од ОМО Илинден сметаат дека почитувањето на нивните граѓански права како малцинство не смее да биде изоставено во актуелните македонско-бугарски односи и меѓувладина комуникација.
Средбата на Пендаровски со Македонците од Бугарија се случува пред највената посета на Пендаровски во Софија на средба со Радев.
Од друга страна бугарскиот премиер Петков отфрли разговори за македонско малцинство во Бугарија и за постоење на македонско малцинство. Тој се пофали дека Бугарите во Македонија ќе влезат во Уставот а ОМО Илинден – Пирин ги нарече провокација.