Наталитетот се намалува а морталитетот расте. Трета година по ред повисок морталитет од наталитет

Македонија во 2020 година починаа за 26 отсто повеќе лица во споредба со претходната година. Починале 25.775 жители, и тоа е најголем број на починати на годишно ниво од 1995 година наваму, покажува Годишниот извештај за Морталитетот во Република Македонија, се вели во текст на Мета.мк.
Од вкупно 25.755 починати во 2020 година, најголем дел биле со место на живеење во Градот Скопје – 6.582. Меѓу општините кои лани имале над 1.000 починати се: Битола (1.504), Куманово (1.336), Прилеп (1.214.
Негативниот природен прираст започнал во 2019 година, односно оттогаш стапката на смртност за прв пат била поголема од наталитетот.
„Таа година регистрирани беа 20.446 починати лица. За девет месеци во 2021, наталитетот е 13.541, морталитетот е 21.633, а природниот прираст е -8.092. Тоа значи дека повеќе лица починале одошто се родиле. Ние досега не сме имале никогаш вакви бројки. Ние трета година се судруваме со појава на негативен природен прираст“, потенцира Дончо Герасимовски, специјалист во областа на статистиката и поранешен директор на Државниот завод за статистика
Наталитетот е намален, а со помалку живородени деца населението старее. Старечкото население преовладува, па следствено на тоа и смртноста на ниво на државата расте.
Статистичките податоци покажуваат дека во изминатава деценија во Македонија во просек на годишно ниво умирале меѓу 19.000 и 21.000 лица, Според Мета.мк скокот минатата година се должи на ковид пандемијата, бројот е зголемен за загрижувачки 5.000 починати. Сепак тоа што е позагрижувачко е намалувањето на наталитетот, појава присутна во Македонија подолго време и заради која прв пат се случи да имаме поголем морталитет од наталитет, појава која во македонските средини е поакцентирана..
Според Мета, ковид-19 се искачил како трета најчеста директна причина за смрт лани, со речиси 11 отсто од умрените лица кои биле заведени дека починале како последица од пандемијата. Како и во минатите години, најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем, според МКБ-10 (шифра I00-I99), и тоа во 41,6 отсто случаи од вкупно умрените лица во земјава, по што на второ место следуваат неоплазмите (шифра C00-D48) со 15,2 отсто од регистрираните умрени лица.
Просечната возраст кај умрените лица од машки пол изнесува 71,6 години, односно 75,3 години кај лицата од женски пол, така што за 3,7 години повисока просечна возраст се бележи кај жените.