мај 29, 2023

Милениумска историја на името Македонци, книга со 1000 документи и сведоштва

„Македонци-милениумски сведоштва за идентитетското име“, е книгата на тетовскиот историчар и публицист Бранислав Светозаревиќ-Покорни.
Книгата е создадена врз база на над 1000 документи и сведоштва од 32 постоечки и непостоечки држави од сите меридијани при што нашол документи во светските архиви што претставува неизбришлива трага за македонското постоење.
Оваа книга е посветена на сите знаени и незнаени Македонци низ вековите кои оставиле траги дека се Македонци, траги кои денес повторно нè потсетуваат што треба да правиме како што вели Мисирков. Книгата е сублимат на голем дел досегашни сознанија и истражувања од македонската историска наука. Ова беше составување на камчињата на мозаикот со оглед на тоа дека во нашата држава беа направени многу монографии кои потсетуваат на името на државата, на јазикот, на црквата но на етнонимот немавме една така посублимирана студија која ќе ги обедини сите оние сознанија кои ги имавме досега, изјави Светозаревиќ.

-Мотивот беше она што во последните години сме сведоци а тоа е нападот врз нашиот идентитет и сметав дека книгата ќе даде придонес во јавноста и науката. Тие документи репрезентативни примероци со значење во својот период и има документи кои прв пат се објавуваат. Се уште се воодушевувам зошто еден цар на Хабсбуршката монархија го споменува македонскиот народ, зошто една руска царица го споменува македонскиот народ. Зборуваме за 17 и 18 век и се покажа од истражувањата дека ништо не било случајно се имало свој тек и се има логичен развој. Оваа книга треба да биде присутна во многу домови не само за љубителите на историјата туку за секој Македонец, изјави авторот.

Еден од промоторите проф. д-р Наташа Котлар изјави дека ова е дело е значајно за македонската историографија.

Името на македонскиот народ, името на државата Македонија. Се истражува од страна на авторот и се докажува низ периодите од антика, среден век, нов век и современа историја и тоа значи дека нема конечна историја.