декември 5, 2023

МИА:КОВАЧЕВСКИ: Не сум го спомнал јуни за датум, не се врзувам за датуми

доколку има санкции врз енергетскиот сектор руски од којшто сме ние целосно зависни, дали не стравувате од социјални немири?

– Ние мораме да се определиме дали сакаме да поддржиме или да бидеме неми и неутрални на воена агресија што се случува врз независна држава, Украина, од страна на Русија, или сакаме да бидеме на вистинската страна на историјата бидејќи македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата во секоја војна што е водена и тоа без исклучок секогаш сме биле на вистинската страна на историјата. Сметам дека економски последици и без тие санкции коишто ги споменувате во однос на гасот, светот поминува голема економска криза, најголема после Втората Светска Војна заради нападот на Русија врз Украина, да не заборавиме цените на енергенсите се пет пати покачени, цената на електричната енергија е пет пати покачена, цената на храната е дуплирана, цената на вештачките ѓубрива од коишто зависи производството на храна е зголемено за 300 проценти, доколку успеете да најдете вештачки ѓубрива. И сето тоа направи комплетен дисбаланс во светската економија. Во однос на евентуалното снабдување со руски гас или одреден прекин, ние како држава нормално дека правиме анализи за алтернативно снабдување. Тоа би се правело со ЛНГ гас нормално преку пристаништето во Солун и преку другите околни пристаништа и тоа го прават сите држави, бидејќи да не заборавиме дека овој напад на Русија врз Украина имаше уште една цел, а тоа е дека Руската Федерација сметаше дека, прво сѐ тоа ќе заврши за два дена како што се зборуваше, очигледно не заврши за два дена бидејќи Украинците ја сакаат својата слобода и втората работа на којашто се сметаше е неединството на Алијансата и на Европа, меѓутоа се покажа дека Европа и Алијансата не биле никогаш поединствени од тоа што се денес и сите заедно работат на стратегии и за меѓусебна помош во овие исклучително тешки услови во Европа. Јас денес имав и неколку билатерални средби на маргините на самитот, со германскиот канцелар, со претседателот и со премиерот на Бугарија, со претседателот на Хрватска и со други претседатели и премиери каде што главна дискусија беше меѓусебната помош и соработка во вакви услови во светската економија коишто се предизвикани од воената агресија на Русија врз Украина.

Столтенберг денеска побара да се забрзаат и зголемат инвестициите во одбраната. Дали планирате да зголемите над тие два отсто или да ги постигнете побрзо од 2024?

– Денеска јас ги информирав земјите членки дека до 2024 ќе го постигнеме издвојувањето од два отсто за воениот буџет што значи дека нема да одиме над таа рамка.

И не порано?

– И не порано од 2024.

Ве прашувам затоа што се собираат две години Ковид, зголемување на цените на енергијата, на храната, зголемување на буџетот на одбрана додека Македонија е една мала и сиромашна земја. Колку и да е народот солидарен со украинскиот, тоа ќе го почувствува на сопствената кожа и тоа може да се сврти против вас и како премиер и како влада. Како ќе се справите со тоа?

– Затоа и ние се одлучивме да се држиме до основното сценарио и до она што е обврска како членка на НАТО, а тоа два проценти до 2024. И од нас не беше побарано да издвоиме повеќе или да издвоиме порано. Бидејќи земјите членки меѓу себе имаат разбирање за економските капацитети на секоја држава и нормално дека во рамките на нашите економски капацитети, тоа што го имаме планирано така ќе биде реализирано.

Во однос на другите предизвици коишто ги имаме, ние уште и при креирањето на буџетот во 2021 за 2022, енергетската криза веќе беше почната и тогаш го намаливме ДДВ-то за граѓаните за електрична енергија уште на крајот на првата половина на крајот на 2021, додека за 2022 определивме средства во буџетот во резервите за да може да ја одржуваме ликвидноста на енергетскиот сектор. Притоа, 80 отсто од сметките за електрична енергија на граѓаните се субвенционираат преку буџетот и истото се однесува за сметките за парно греење во Скопје. Пензиите ги покачивме и ја сменивме методологијата со тоа што ќе имаме најголемо покачување на пензиите во оваа година и методологијата ќе важи за сите години нанапред, со тоа што веќе порастот на пензиите нема да зависи од никаква политичка волја или од тоа дали има или нема избори во одредена година, што беше случај секогаш во минатото, што значи дека сега таа методологија е ставена со закон. И дополнително определивме помош за три месеци по илјада денари за да можат да се справат полесно пензионерите со растечките цени на храната и на енергенсите. Второ ја зголемивме минималната плата, да не заборавиме само пред пет години минималната плата беше 9000 денари, сега е 18.000. Пред 5 години беа потребни 4,25 минимални плати да се покрие една потрошувачка кошничка, сега се потребни две минимални плати. Тоа го направиме низ социјален дијалог со синдикатите. Исто така во голем број од индустриските и во општествените гранки се предвидува зголемување на платите, на пример во МВР од пет проценти, во здравството во изминатите години се правеа големи покачувања на платите, во високото образование се предвидени. Секогаш постои притисок од страна на синдикатите за зголемување на платите, јас тоа секогаш сум го разбирал, меѓутоа треба да се има разбирање и од синдикатите за ситуацијата во којашто се наоѓа светската економија. Тие не смеат да ги политизираат барањата во одреден момент, бидејќи ние работиме и на усогласување дневно на фискалната и на монетарната политика, бидејќи покрај тоа што буџетот мора да ги сервисира и ги сервисира сите потреби на граѓаните, исто така мора да биде усогласен исто така и со монетарната политика за којашто е задолжена Народната Банка на државата, со цел да може да се следи и нивото на инфлација коешто на светски рамки е високо со оглед на зголемените цени на храната и на енергенсите. Ние водиме одговорна политика и фискална и монетарна со цел да се задржат фундаментите на македонската економија. Тоа го направивме во време на ковид кризата кога со 6 пакети на антикризни мерки ја помогнавме и економијата и најранливите граѓани и зачувувањето на работните места и што се потврди како исправно, не само од страна на владата туку и од меѓународните финансиски институции. ММФ во своите извештаи потврди дека благодарение на тие мерки зачувани се над 60 илјади работни места, а веќе во 2021, посебно во втората половина од годината имавме раст на македонската економија. Раст беше предвиден и за 2022 како од страна на министерството за финансии така и од Светската Банка и Меѓународниот Монетарен Фонд. А во овој момент сите меѓународни финансиски институции со оглед на кризата, воената агресија што се случува врз Украина, прават нови проценки за тоа колку тоа негативно ќе влијае на растот на светската економија, на американската економија, на европската и нормално на економиите коишто се поврзани меѓу себе секако дека ќе има негативни последици и тоа ќе зависи од сценариото врз основа на коешто ќе се развива оваа криза. Постојат три сценарија: едното е деескалација кога би имало и најмал пад на светската економија, второто е продолжен конфликт кога би имало пад на светската економија меѓутоа со поголем интензитет, и најлошото сценарио е доколку ескалира сево ова уште повеќе во Украина, тогаш би имало и негативни стапки на раст на светската економија. Ова сите го прават сега во светот и се спремаат и антикризни мерки и ги адаптираат своите политики како федералните резерви на САД така Европската Централна Банка и другите банки. Ние како одговори на кризата направивме пакет на антикризни мерки, 26 беа донесени коишто се со вредност од 400 милиони евра и коишто значат намалување на ДДВ и на акцизата кај горивата и намалување на ДДВ кај електричната енергија, издвојување на финансиски средства за најранливите категории на граѓани, за 35 илјади граѓани, три месеци по илјада денари, носење на пакет мерки преку Развојната Банка за одржување на ликвидноста на компаниите, ограничување на маржите на прехранбените производи во мало и големопродажбата. Зајакнување на контролите во однос на злоупотреба на пазарна позиција од страна на одредени продавачи бидејќи државата треба да биде тука за сите кога е најтешко и не смее да дозволи никој да ја злоупотреби својата пазарна положба кога можат да се јавуваат шпекулации на пазарот.

Премиере, и покрај сите овие мерки колку и да се бројни и ефикасни или не, останува дека оваа криза се чувствува во секојдневието на луѓето. С. Македонија се усогласува со сите санкции на ЕУ, за возврат не само што не добива датум, туку не добива ниту компензации. Дали ќе инсистирате да добиеме компензации исто како и земјите членки на ЕУ? ЕУ рече нема компензации. Дали ова може да се смени?

– Кога се работи за светска криза не можеме да збориме за компензации една земја или асоцијација на земји како ЕУ да компензира други земји бидејќи да бидеме искрени сите се изложени на светската криза.

Ама бара да се усогласиме со нивните санкции

– Ако ги погледнеме цените на енергенсите и тука во Брисел кај што се наоѓаме, тие се многу повеќе покачени отколку во С. Македонија, цените на храната исто така се покачени. Во однос на помошта и нашата економска соработка, ние не можеме да кажеме дека немаме помош од ЕУ. Ние сме корисници веќе на трет пакет на ИПА фондови коишто се со милионски износи во евра и со коишто се поддржуваат инфраструктурни проекти. Второ во најголемата ковид криза ни беше достапна макрофинансиска помош од ЕУ во износ од 120 милиони евра којашто ни помогна во тоа време и ни се на располагање кредитни линии како од Европската Банка за Развој, Европската Инвестициска Банка, Европската Централна Банка за справување со економските предизвици. Така што ние не можеме да кажеме дека немаме економски бенефити од нашиот договор за стабилизација и асоцијација.

Тоа се мерки кои и претходат на сегашната криза, меѓутоа еве ЕУ разговара за заедничко купување на електрична енергија на пример, дали може Западниот Балкан да се вклучи во таков договор?

– Ние имаме на дневно ниво контакти со релевантните секретаријати и сектори во ЕУ и тоа пред сѐ се однесува на финансиската помош бидејќи министерството за финансии е во постојана комуникација и со ЕИБ и со ЕЦБ. Детали не можам да ви откријам бидејќи се работи навистина за разговори на техничко ниво во однос на финансирањето на надворешниот долг што го имаме бидејќи секогаш постојат повеќе опции за финансирање на задолжувањето и прва опција секако ни е прво ЕУ каде што имаме пристап на дневно ниво. Во однос на снабдувањето со електрична енергија се разговара за заедничко купување и за сите тие стратегии коишто ги развива ЕУ ние сме информирани уште пред нивното правење, и ние веќе ги имаме тие стратегии. Ако погледнеме и проектот во Александрополи, таму учествуваат Република Грција којашто е дел од ЕУ, Република Бугарија којашто е дел од ЕУ и ние коишто сме на пат за влез во ЕУ.

Дали ќе го добиеме датумот до јуни?

– Јас никогаш не сум се врзувал со датуми и од почетокот на мојот мандат не се врзував со датуми туку со реални проекти и со реални разговори коишто треба да се водат прво со ЕУ и со Република Бугарија бидејќи таму имаме дополнителен предизвик со оглед на тоа што минатата бугарска влада стави вето на отпочнувањето на првата меѓувладина конференција. Ние отворивме нов процес на разговори со Бугарија на теми коишто гледаат на иднината од областа на економијата, инфраструктурата, образованието, науката, културата и европските интеграции. Паралелно се водат разговори помеѓу министерствата за надворешни работи за решавање на отворените политички прашања. Едно прашање заради градење на доверба знаете дека беше решено, а тоа е нотата што ја испративме во Обединетите Нации за краткото и долгото име на државата, при што беше потпишан и договорот за прекугранична соработка којшто го немавме поради тоа потпишано со ЕУ и преку кој сега одредени фондови се достапни за прекугранична соработка и градење проекти за организации од двете држави. А на четирите плус едно прашања се работи од страна на МНР на С. Македонија и Бугарија, се разменуваат идеи. Во моментов не постои документ којшто е усогласен и во моментот кога ќе постои таков усогласен документ, тој ќе биде комунициран со релевантните институции во државата и потоа и со јавноста.

Значи не можете да кажете дали до јуни ќе биде?

– Јас јуни никогаш го немам спомнато и не се врзувам за датуми, затоа што треба да имаме решение кое се заснова прво на европските вредности, а второ до коешто ќе се дојде низ комуникација, а заснован на принцип на меѓусебна почит, прво помеѓу политичарите, второ помеѓу институциите во двете држави и трето на зачувување на достоинството на граѓаните на двете држави. Само такво решение може да претставува добра основа за прво отпочнување на преговорите и второ градење на меѓусебна доверба на две соседни држави коишто треба во светот да претставуваат пример за економска и секаков вид на соработка за напредување на стандардот на граѓаните.

И последно прашање, министерот за надворешни работи пред Европскиот Парламент ги предупреди европратениците дека не само што паѓа поддршката за ЕУ, туку расте и поддршката за придружување кон таа Евроазиска унија. Знаеме дека во С. Македонија постојат симпатии кон Русија, дали повторен пораз во нашите европски интеграции до јуни може да значи зајакнување на тоа проруско расположение кај еден дел од населението?

– Неотпочнувањето на преговори со РС Македонија дава лош сигнал, бидејќи ние веќе имаме четири позитивни извештаи од страна на Европската Комисија за нашиот напредок во усогласувањето со ЕУ. Тоа дава лош сигнал како за нас така и за цел регион. Министерот за надворешни работи сподели тоа што беше дел од одредени истражувања, а тоа е дека поддршката за ЕУ е сѐ уште на исклучително високо ниво, над 68 проценти. Меѓутоа неисполнувањето на одржувањето на првата меѓувладина конференција го зголемува скептицизмот кај одредени групи, што е нормално во еден таков долг процес и не е добро. Постојат и трети држави коишто не сакаат да ја видат РС Македонија како дел од ЕУ и коишто финансираат различни групи па и политички партии. Ние имаме политички партии со антиевропска и анти-НАТО определба коишто се класично популистички во државата, никогаш не предложиле една остварлива мерка, меѓутоа се потхранети од едни такви центри надвор од државата и коишто со такво финансирање успеваат да креираат одредено јавно мислење коешто е спротивно на стратешките определби на доминантниот дел на населението и спротивно на сите владини партнери, а тоа е полноправно членство во Европа. Бидејќи да не заборавиме ние сме најновата членка на НАТО, каква што станавме благодарение на тешките одлуки, меѓутоа сега гледаме колку е значајно да се биде земја членка на НАТО со оглед на тоа што безбедноста на државата се гарантира од најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот.