Македонци од Австралија упатија протестно писмо до Бугарската амбасада во Канбера!

До нашата редакција стигна писмо кое македонци од Австралија го упатиле до Бугарската амбасада во Канбера. Писмото е потпишано од македонци кои живеат ширум Австралија, пред се Сиднеј, Мелбурн и Перт.
Целта им била да ги осудат бугарските ставови кон македонскиот јазик и нација но и да ги запознаат австралиските власти за истите.
Сметаат дека Република Бугарија ги крши нивните основи човекови права како австралиски државјани кои во секојдневниот живот покрај англискиот го користат и македонскиот јазик.
Ви ја соопштуваме содржината на писмото:
Повод: Официјалниот став на Република Бугарија по односот кон македонскиот јазик
29-ти март 2022
Почитуван амбасадор,
Ние, долупотпишаните, етнички Македонци, Ви пишуваме за да ја изразиме нашата загриженост во врската со официјалниот став на Владата на Република Бугарија со кој не го признава македонскиот јазик како единствен и посебен јазик што го зборуваат Македонците каде и да живеат низ светот.
Сигурни сме дека знаете, дека секоја држава и сојузна управа во Австралија, официјално, го признава македонскиот јазик како уникатен и посебен, и како јазик кој го зборуваат Македонците кои живеат во Австралија. Дополнително, ваква е позицијата и на многу други управи ширум светот, особено таму каде што живеат Македонци, вклучително и Соединетите Американски Држави и државите од Европската Унија. За споредба, Република Бугарија е единствената држава која не го признава македонскиот јазик и го негира дека тој постои, како и дека е мајчиниот јазик кој го зборуваат Македонците.
Македонскиот јазик, беше признаен во 1977-та година на Третата конференција на Обединетите нации за стандардизацијата на географските имиња, одржана во Атина. Ова е јасен показател дека македонскиот јазик има меѓународно признание и формална употреба во многу земји.
Во Австралија денес живеат над 300.000 Македонци, австралиски државјани, кои активно го користат македонскиот јазик во секојдневниот живот. Истовремено, голем дел од нив добиваат услуги на македонскиот јазик, од многу владини тела. Тоа значи дека Вашиот став и ставот на Вашата влада да не го признава македонскиот јазик како уникатен и посебен јазик е навреда за секој австралиски државјанин со македонско потекло. Вашиот став им пркоси на сите научни сознанија и сфаќања за потеклото на македонскиот јазик и македонскиот народ, и е без основа а во спротивност со договорите за човековите права и за заштитата на правата на народите и нивните јазици.
Би сакале да ја искористиме оваа прилика и да Ви поставиме едно многу едноставно прашање:
Дали Република Бугарија го признава постоењето на македонската етничка заедница во Австралија како посебна и различна од другите етнички заедници и со своја сопствена историја, традиција, култура и јазик?
Сигурни сме дека не само стотиците илјади етнички Македонци кои живеат во Австралија, туку и самите австралиски власти, би сакале да го знаат Вашиот одговор на ова прашање.
Со нетрпение го очекуваме Вашиот одговор.
Со почит,
Група на австралиски државјани