септември 28, 2022

Македонците во Голо Брдо завеани и без струја три дена

Македонците во Голо Брдо три дена се завеани и без струја. Голо Брдо, на албанско – македонска граница и оваа зима се соочува со проблеми по обилните снежни врнежи, по кои е познат овој планински регион.

По последниот снег, чија дебелина надминува 40 сантиметри, а некаде е и повисока и минусните температури, веќе трет ден се отсечени од светот.

-Дополнителен проблем е и недостигот на електрична енергија веќе трет ден. Во текот на ноќта и утринските часови живата во термометарот падна на – 16 степени целзиусови, а има најава за повисоки минусни температури, велат жители.

Едмонд Османи администратор на административната единица Требиште рече дека во соработка со градоначалникот на општина Булќиза се прават максимални напори за надминување на проблемите.

– Обилните снежни врнежи, поларниот студ и мразот го прават своето. Вложуваме максимални напори да се пробијат патиштата. Превземени се сите мерки и сме во служба на жителите за било каква потреба, изјави за МИА Османи.

Областа опфаќа 22 населени места со над 12 илјади жители.