јули 3, 2022

Македонизмот нема да го искорените, уништите, збришете!

Ја коа ќе се начукам, знам да ги заклучам гостите кај мене дома. Се бунат, пиштат, вриштат, али ја не отклучувам. Им мавтам со клучот пред нервозните фаци и праам глупи движења, демек сеа ќе го голтнам. По некое време, коа ќе ми падне жал, им давам три опции. Ако сакате да ви отклучам, им викам, може да плескате со рачињата и да викате: „Оставка! Оставка!“. Демек, оставка од мене као домаќин. Или да се заканите дека ќе ми викнете полиција. Или, трето, задње и можда најпаметно, да ѝ се јавите на Кате од Кале и да плачете дека не ве пуштам да си ојте дома.
Ја коа ќе се напраам дроб-сарма пијан, ми се дешава да се осеќам као Бугар. И ондак ме маваат флешови, визии и трипови као оној славен Бугар, Нострадамов, шо го мавале. Свашта глеам у такви моменти. Ми се јавуе Исо Христов, бугарскиот месија и ме вика: „Љуби го Бугаринот свој у себе“. Ми доаѓа и оној славен бугарски морепловец Крсто Колумбов шо на Бугарите им ја откри Америка полна бугарско домородно население. Али највише се палам коа ми доаѓаат браќана Кирил и Методиј шо ја измислија бугарската кирилица за да можам да ви праам пророчки муабети преку тастатура.
Ја коа сум ќутук пијан, ама ич нејќам да се отрезнам. Убаво ми е бе. Си живеам у Европска Унија. Со боси нозе шљапкам у мед и млеко. Ташаци си ладам у океан убавина. Името ми ги плаќа сметките. Пошо коа сум мортус пијан ја бре мењам име, идентитет, пол, вера, танте за кукурику. Шо си сакам, си мењам. Шиткам историја, јазик, култура, душа на ѓаол, шо ми прдне. Ај шо мењам и шиткам идентитетски вредности, коа сум летва пијан и на други им мењам име, битие, душа, личен опис. Па уше ги праам идиоти дека новото име ќе им плаќа сметки као мене шо ми плаќа. И после коа ќе им го усерам животот на миљон луѓе, пошо испаѓа дека сум обична пропагандна лажовчина, малку криво ми е, сакам да се отрезнам и да прекинам да праам срања, али касно е више.

Ја коа сум гадно пијан, ме мава на жаргон. Простете за тоа!
Хм, будалаштините во Нордистан не запираат. Полека фолклор ќе станат. Во иднина, новите нордистанчиња ќе ја учат безумноста како вековна нордистанска традиција. Ќе бидат горди на глупостите што нивните предци ги правеле секојдневно.
Затоа, врзете се, па да одлепуваме! Изгледа Таљо Џаференко, албанскиот Украинец од Нордистан, е прв мадафака во нордистанскава пачавра од протекторат. Комунист, војничиште, дезертер, политичар. ЈНА, АРМ, УЧК, ДУИ, НАТО. Избран со 59 гласа за спикер на собрание. Таљо е мнозинство и кога е малцинство. Еве го кај пцуе, вика, се шегачи, заклучува пратеници. Нордистанско мангупиште!
Што друго? Си мислев оној нашион што фрла сидро за да плови е најцрпнат од сите светски политичари. Ама ене го, дечкото од Харвард, со презиме Петков, а професија, премиер на Бугарија, тргна да го просветлува сесловенскиот свет. Ни откри дека Кирил и Методиј на Бугарите им дале кирилица. Тоа Кирил. Методиј требало да им даде метадон. Сите ние од браќата добивме глаголица, само Бугарите, кирилица. Изгледа кога подоцна ја добивме кирилицата, Бугарите добиле Морзеова азбука.
Одлепуваме понатаму под нордистанското небо. Сашо Ордановски ни порача да се отрезниме од ЕУ-опијанетоста. Јас веднаш го послушав и гадно се начукав. А знам зошто он толку долго време бил пијан. И не само он. Едно чудо нордистанци. Па на толку испиени датуми, нормално е да си мртов пијан. Интелектуално, аналитички и визионерски мртов пијан.
Да си се завртам јас кон светот, оти секое брцање глава во нордистанските работи ми создава алкохолен молотов коктел во телото, па ми доаѓа да си ги изблујам свеста и потсвеста. Шолц рече дека Русија ќе ја загуби војната. Океј е Шолци, ама така мислеа и твоите најблиски предци пред само осумдесет години. Бајден ѝ се закани на Кина дека САД воено ќе го брани Тајван. Важи, дедо Џо, спукајте ја големата! Проблем е што во Кина нема Сајгон од каде што може да се бега.

Што друго има по светот? Давос ми е, двор ми е. Кисинџер ѝ плесна на Украина да си даде дел од територија за да запре војната. И веднаш за западните прогресивни медиуми стана руски шпион. Па, нормално. Човекот што ја креира американската политика изминативе педесет и кусур години, мора да е руски шпион. Сега ми е јасно зошто американската политика е така глупа, вообразена и агресивна. Кај Русија е проблемот. Они ја креирале. И ете, пак Русите излегоа лоши.
Сорос ни кажа дека веќе сме во трета светска војна. Знам бе Џорџи, јас пред години и години си реков, ако има трета светска војна, ќе бидам на спротивната страна од твојата. Оти тоа е добро за умот, духот и душата. А војна, ем трета и светска, има. Сега засега, само Русите го тераат нејзиниот конвенционален дел. Наликува дека се во војна со украинската армија, ама таму има едно чудо нацибаталјони и НАТО-инструктори, така што Русија, всушност, војува со западната хистерична, глобалистичка политика, која си се врати на своите примарни корени, нацизмот.
Друг е проблемот, Џорџи. Третата светска војна, онаа неконвенционалната, трае веќе неколку години. Ја водите ти, таквите како тебе, твоите шефови и вашите политичари, војски, полиции, судски системи, медиуми, социјални мрежи, платформи и хистерични наципрогресивни поддржувачи, против остатокот од човештвото. Ја водите против човекот, неговите идентитети, од духовни до национални, против неговата слобода, креативност, право на мисла, став, идеал. Ја водите преку повампирување на нацизмот, политичката коректност, пандемијата, проектирани економски кризи, севернокореизација на слободната мисла. И можеби нема да доживеам, ама ќе ја изгубите војната.

А ќе завршам со нас, Македонците. Дел од таа ваша гнасна трета светска војна е и агресијата врз Македонија, која, еве, веќе три децении трае. Вашата коалиција предводена од Обединетите нации, САД, Велика Британија, ЕУ и НАТО, а испорачана врз нас од ударните „Азов баталјони“, Грција и Бугарија, сосе Вселенската патријаршија, има цел идентитетски геноцид врз Македонците и нивната татковина. А тоа е нацизам. Навидум ја добивате, но, иако сигурно нема да доживеам, ќе ја изгубите. Како што ја изгубивте онаа од 1913 година. Македонизмот нема да го искорените, уништите, збришете. Можеби не преку оваа млитава и млака генерација Македонци, но македонизмот е феникс, пиреј и клетва истовремено… клетва за сета ваша вековна деструктивност, геноцидност и варваризам маскиран во цивилизација.

Извор: novamakedonija.com.mk