септември 26, 2022

Македонец на листата Топ 10 луѓе на Блискиот исток според “Форбс”

27-годишниот прилепчанец Денко Манчески се најде на листата на топ 10 “Инспиративни деловни луѓе на Блискиот исток кои треба да се следат во 2022 година”, Денко Манчески е основач на еден од најбрзо растечките блокчејн по име Reef Chain. Тој е роден и израснат во Прилеп, Македонија, живеел во Словенија повеќе од седум години, а моментално живее во Дубаи. Денко се фокусира на инвестирање и испорака на вредности во повеќе сектори во регионот на арапските држави.

Започнал со програмирање уште во средно училиште користејќи го програмскиот јазик C++ и неколку години организирал алгоритамски натпревари. Потоа започнал да гради комерцијален софтвер и се приклучил на провајдер на ERP каде што направил сложени модули што се користат и денеска (складирање, сметководство итн.).

Следен чекор му бил здравствениот сектор, каде се приклучил на една од најголемите платформи за здравство во Европа. Таму работел повеќе од 2 и пол години, и предводел тим кој работел на комплексна алатка за моделирање за здравствени податоци.

Пред околу седум години, тој влезе во блокчејн секторот. Неговото прво искуство тука било со NXT блокчејн. Патувањето го продолжил со Solidity (Ethereum) и Bitshares, Steem и EOS. Во 2020 година, одлучил целосно да се фокусира на Reef Chain и да ја изгради најдобрата блокчејн инфраструктура насочена кон корисникот – стои во описот на Форбс под неговото име.

Програмерите и луѓето кои се занимаваат со криптовалути најдобро ќе разберат за што станува збор. Како и да е, Манчески е вистинска инспирација за младите луѓе, не само во Македонија туку и пошироко, и е еден од ретките 27-годишници за кои пишуваат светски познати списанија и медиуми.