декември 5, 2023

Кој прв ќе крахира, германската економија или Путин?

Тоа што почна како лошо претчувство околу намалениот доток на руски гас во Германија, сега се претвори во многу реален проблем откако Газпром го скрати дотокот на руски гас во Европа за 60% и изгледа дека ќе продолжи да го намалува.

Ако до сега за последиците од кризата се зборуваше во општи економски поими како рецесија, сега веќе се разговара за конкретни проблеми од типот немање греење за домаќинства сред зима и затворени фабрики.

„Со децении Германија просперираше на грбот на евтиниот гас. Одговорот на растечките потреби на економијата најчесто беше нов гасовод до Русија.

Таа ера сега е готова, и компании од БАСФ до Фолксваген, се помируваат со оваа реалност.

Ќе има некои брзи решенија – како повторно стартување на електраните на јаглен и замена на горивата во индустрискиот процес – меѓутоа структурните проблеми ќе останат бидејќи на транзицијата кон евтина обновлива енергија ќе и требаат уште долги години,“ пишува Блумберг.

За сега Германија е на еден чекор од почнување на рестрикции на гас за потрошувачите во земјата. Очекувањето е дека тоа би можело да се случи во јули, кога Северен тек 1 целосно згаснува заради „закажано одржување“.

Стравот на Германија е дека може да се случи Северен тек 1 по ова никогаш повторно да не проработи.

Уште во април, германски економски институти предупредија дека нагло секнување на руските нафта и гас, ќе предизвикаат штета од 220 милијарди евра на германската економија во следните две години.

Извор: https://off.net.mk/vesti/biznis/koj-prv-kje-krahira-germanskata-ekonomija-ili-putin