септември 28, 2022

Животот во помалите места е болна тема со која никој не се занимава

Некаде се бега од војни, тука се бега од безнадежност… Има ли спас за нас? Има ли надеж?

Колумна на Габриела Арсова за Скопско Ехо:

Светот го мачат сериозни проблеми.Загриженоста е на високо ниво. И оправдано. И сигурно е важно да се следат меѓународните настани. Важно е и соодветно да се реагира. Се е важно, но најважно е да не се заборави домот. Државата наша.

Си бираме лидери, се бираат Влади, пратеници, се именуваат какви ли не раководители… Зошто? За достоинствен живот! За сигурен и спокоен живот! За опстанок и развој на државата!

За развојот… хммм, не би коментитала. Но опстанокот – е тоа е тема. Сериозна и болна тема! Како тргнало има да не нема. Можеби во Скопје, благодарение на внатрешната миграција, не се гледа што ни се случува,но во помалите места не да е очигледно, туку е очебијно! А како и да не е така кога никој ништо не сака да промени, кога не се дава шанса на поинакви концепти во било кој смисол, кога зад покритието – кој знае како би било, се има ли капацитет и сл. не само што стоиме во место, туку така тапкајќи – се подлабоко тонеме.

Ајде да направиме нешто. Децентрализација, изборни модели, коалиции пред или постизборни, редефинирање т.е правилно дефинирање на позиции министер, пратеник, градоначалник. Погледнетепосериозно што ни се случува, какви парадоксални ситуации имаме.

Еве пример, Берово нема автобуска станица. Точно така! Нема автобуска линија, нема каде да купите билет, нема како да патувате со автобус, нема како да пречекате или испратите некого или нешто. Подолго време е така. Важно? Ма неважно. Да е важно не би се дозволило да е вака. Не би се дозволило регион кој изумира- навистина да умре. Со скромниот придонес на немање автобуски превоз. А и зошто да има? Кој си е тука, да си седи тука. Кој отишол – и така не се враќа. Тажно ли е, смешно ли е – не знам! Ама знам дека не е нормално.

Друг пример? Еве вака. Во Берово има една стара куќа, заштитен споменик на културата под закрила на државата. Навистина е реткост, камен и керпич, приземје и два ката. Куќа која треба да се види. Да се види и да се процени колкав е срамот за државата, но и да се види колкав е стравот на оние кои живеат во нејзина близина. Зошто? Затоа што е прашање на ден, на миг кога ќе се сруши. Оние горе се зафатени за да се занимаваат со некаква куќа во Берово, но ќе мора да дојдат ако недај боже се сруши и утепа некого. А влегуваат дечиња. Истражуваат што има внатре… А управата на градот нема ингеренции – независно кој е на власт, независно чиј е градоначалникот.

Некаде се бега од војни, тука се бега од безнадежност… Има ли спас за нас? Има ли надеж?

Текстот е преземен од Скопско Ехо https://skopskoeho.mk/zhivotot-vo-pomalite-mesta-e-bolna-tema-so-koja-nikoj-ne-se-zanimava/