мај 29, 2023

Економијата на ЕУ нема да се врати во нормала

Војната во Украина и економските санкции што следеа ќе предизвикаат многу поголеми нарушувања во европската економија од претходните кризи и пандемијата на коронавирус, сметаат економистите.

Европските лидери ги засилија плановите за намалување на нивната зависност од руската енергија. Европскиот парламент во четвртокот повика на итно и целосно ембарго на руската нафта, јаглен, нуклеарно гориво и гас.

Сепак, овој агресивен пресврт има цена за европската економија – ќе ја турне и онака високата инфлација на рекордни нивоа и ќе се закани да го поткопа закрепнувањето на производството што започна минатата година кога економиите повторно се обидоа да излезат од пандемијата „Ковид-19“, пишува CNBC.

Шефот за глобално истражување во ИНГ банка, Карстен Брзески, посочува дека поради војната Европа е особено изложена на ризик од губење на конкурентноста на меѓународниот пазар.

„За Стариот континент, војната е многу поголем предизвик отколку што била пандемијата. „Не зборувам само за безбедносната и одбранбената политика, туку пред се за целата економија“, рече Брзески.

Тој вели дека еврозоната сега се соочува со негативна страна на нејзиниот фундаментален економски модел, како извозно ориентирана економија со голем индустриски столб и голема зависност од увоз на енергија.

Откако ги уживаше придобивките од глобализацијата и меѓународната поделба на трудот во последните децении, еврозоната сега мора да ја засили својата зелена транзиција и напорите за енергетска автономија, истовремено зголемувајќи ги трошоците за одбрана, дигитализација и образование.

Но, притисокот врз финансиите и приходите на домаќинствата ќе биде огромен. „Корпоративниот профит, во меѓувреме, ќе остане висок“, рече тој.

Тој додава дека Европа, во исто време, се соочува со хуманитарна криза и важна економска транзиција, пренесува Танјуг. „Војната се одвива во „житницата“ на Европа, клучна област за производство на жита и пченка. Цените на храната ќе пораснат на невидени нивоа. „Зголемената инфлација во развиените економии може да стане прашање на „живот и смрт“ за економиите во развој“, рече Брзеси.

Според него, финансиските пазари се „излажани“ со обиди за зајакнување на европските акции, бидејќи, како што вели, „во моментов нема враќање на каква било нормалност“.

Други економисти, исто така, веруваат дека овие тектонски потреси за европската и глобалната економија ќе извршат дополнителен притисок врз централните банки и владите кои се меѓу „чеканите и наковалните“, жонглирајќи меѓу инфлацијата и фискалната одржливост.









.