септември 27, 2023

ДУИ и Алијанса не сакаат една изборна единица, денес расправа во Собрание

Нема консензус помеѓу партиите Македонија да биде една изборна единица а не шест како досега. Барањето е на помалите партии целата државна територија да биде во една изборна единица со отсуство на изборен праг, овозможувајќи им и на помалите политички партии, како и на партиите на помалите етнички заедници, да го остварат своето право на претставување. Сега нивните гласови се поделени во шест изборни единици и во ниту една од нив, тие не успеваат да соберат доволно за да добијат пратеник. Барањето денес ќе се најде на седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците во прво читање.
Пратеникот Павле Трајанов вели текстот е целосно поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ даде начелна согласност, но тој сепак не исклучува и блокада.

Арбер Адеми од ДУИ го повтори партискиот став дека за измени на вакви значајни, важни законски решенија, потребен е поширок меѓуетнички и меѓупартиски консензус, и оти не се за промена на постојниот изборен модел со шест изборни единици. Настојуваме дека изборниот модел треба да ја рефлектира хетерогеноста на нашето општество и мислиме дека постоечкиот модел со шест изборни едници тоа најдобро го отсликува, вели Адеми, посочувајќи дека ќе настојуваат да продолжат со преговори, а одлуките за Изборниот законик да се носат врз основа на аргументите.

– Мислиме дека овој изборен модел резултираше после конфликтот од 2001 година. За првпат се имплементираше во 2002 година и врз основа на аргументите се донесе вакво законско решение. Така што настојуваме уште еднаш да постои поширок меѓуетнички и меѓупартиски консензус за каква било измена поврзана со изборниот законик, рече Адеми.

Според Трајанов, ДУИ и други партии од албанскиот блок веќе го прекршиле принципот на соодветна етничка застапеност или за некои прашања да се гради консензус, посочувајќи на последниот избор на Влада.
Ако може да помине Влада на овој начин мислам дека изборниот закон уште полесно може да помине со мнозинство над две третини од пратениците.


Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека ќе го поддржат предлог законот, а со цел одржување предвремени избори.

– Спремни сме да разговараме како на најдобар начин да се одрази и да се прелее народната волја овде во Собрание за конечно да добиеме една легитимна и народна власт која што ќе се грижи онака како што треба и за здравството, и за економијата и за сите аспекти на општествениот живот, рече пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Предлог измените се поднесени пред една година. ДУИ и Алијанса на Албанците се изјаснија против ваквото решение.