септември 28, 2022

Драма од Душан Ристевски – Македон на Австралиска Владина Веб- Страница

Неодамна во издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј излезе од печат радио-драмата „Преполнета чаша – локдаун“ од познатиот и реномиран драматург и поет Душан Ристевски.
Драмата е објавена на англиски и на македонски во хартиен формат, а симена е и како радио драма во продукција на South Eastern Sydney Local Health District and Shopfront Arts Co-Op, во изведба на членови од Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј, а во режија на Душан Ристевски – Македон. Всушност, оваа радио драма претставува адаптација на драмата „Преполнета чаша“ која беше поддржана од програмата на Georges River Council COVID-19 Recovery Grants Program во 2020 г. Радио драмата е поставена на австралиска владина веб-страница и истата може да се слуша на: NSW Multicultural Health Communications Service website

Во оваа драма Душан Ристевски – Македон повеќеслојно ја обработува, скенира и анализира состојбата во едно македонско семејство од Австралија од аспект на нивното справување со пандемијата со вирусот Ковид – 19.

Семејството се состои од три генерации (баба и дедо, мајка и татко и брат и сестра) кои живеат заедно и како такви ги затекнува пандемијата која мошне сериозно ја погоди Австралија што резултираше со строги карантини (lockdown).

Авторот умешно прави психолошка анализа на сложените односи помеѓу ликовите, т.е. нивните карактери кои се целосно издржани, во кои доминираат судирите. Овие судири исто така се повеќеслојни и сложени и тие содржат: генерациски судири, судири помеѓу двата пола, судири помеѓу оние што се ЗА и оние што се ПРОТИВ вакцинирањето, судири поради ставот кон сериозноста на самата болест и придржувањето кон мерките за заштита и т.н. Секоја од страните во овие судири рамноправно е претставена со своите аргументи, така што на читателот останува да заклучи која страна е во право. Како стилски украс на сето ова е и повремениот хумор, што е составен дел од многу драмски творби на искусниот драматург Душан Ристевски – Македон.

Освен судирите, авторот убедливо ги прикажува и обработува и останатите појави поврзани со карантинот: паѓањето во депресија, па дури и желба за самоубиство, стравот од смртен исход на болеста, физичката неактивнист што резултира со дебелеење, материјалните загуби (отпуштањето од работа, откажувањето на веќе закажани настани и другите финансиски удари како директна последица од „локдаунот“), носталгијата по времето од пред пандемијата, но и обидите за прилагодување на состојбата преку забавни игри и вежбање. Иако драмата конкретно опишува македонско семејство кое живее во предградие на Сиднеј, таа има универзална димензија и вредност и слободно може да се однесува за кое било слично семејство во светот за време на оваа светска пандемија. На крајот, по бурните расправии, дилеми и дискусии, сите членови на семејството донесуваат одлука да се вакцинираат. И во овој случај авторот се покажува како добар психолог поради тоа што како мотив за ваквата одлука кај секој поединечен член на семејството наведува лични причини, а не некоја идеалистичка „борба против пандемијата“, што впрочем апсолутно одговара на вистината за најголемиот број вакцинирани во светот. Со ова „преполнетата чаша“ на ова македонско семејсво од Сиднеј сепак не претекува. Во секој случај пред нас имаме уште една успешна драма од Душан Ристевски – Македон – драма во која преку навидум секојдневните реплики и конверзација на нејзините ликови, студиозно е обработена сериозната тема посветена на внатрешните премрежја низ кои поминаа и сѐ уште поминуваат стотици милиони луѓе ширум светот.

Текстот напишан од Александар Донски е преземен од Македонска Нација. линкhttp://mn.mk/komentari/20554-RADIO-DRAMATA-PREPOLNETATA-CASA-%E2%80%93-LOKDAUN-OD–DUSAN-RISTEVSKI—MAKEDON-POSTAVENA-NA-AVSTRALISKA-VLADINA-VEB-STRANICA