декември 2, 2023

Денес е Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Македонскиот јазик го чува идентитетот и просторот

По повод денот на мајчиниот јазик беа организирани трибини. Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков го одбележа овој ден.

–Чествувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик го поврзуваме со јубилејот 150 години од раѓањето на Гоце Делчев и поголемиот дел од програмата на манифестацијата им го посветуваме на учениците од општинските основни училишта на територијата на Град Скопје што го носат името на овој голем македонски револуционер, велат од Институтотза македонски јазик.

И ВМРО – ДПМНЕ организираше трибина.

– Преку јазикот, ние во суштина си ја сочуваме својата традиција и својот идентитет. Токму и тема на моето говорење е јазикот како идентитет на индивидуата и на колективот пред сѐ. Темелите на нашата писменост, ги поставуваат Светите браќа Кирил и Методиј. Од тука секој човек, особено Македонец треба добро да се запознае со историјата на нашиот јазик, она што денес некој се обидува да го избрише, – рече на трибината на ВМРО професорот Михајло Марковиќ од катедрата за македонски јазик при филолошкиот факултет во Тетово.

-Идентитетот е една од најважните обележја на човекот. Без идентитет сме безимени. Губењето на тој идентитет кој што го имаме денес, ние како Македонци носи низа последици, односно отвора повеќе хомогени простори, празен простор кој во иднина може да се исполни со нешто кое не е својствено со самата индивидуа. Таквата последица во суштина најмногу нѐ интересира нас лингвистите, можноста да се изгуби јазикот кој што претставува столб и чувар на македонскиот идентитет. Ќе повторам дека, многу е важна историјата. Како што е важна историјата на културата, така и историјата на јазикот е важна за нас. – додаде професор Марковиќ.