септември 27, 2023

ДВ:Путин има доволно пари за да продолжи да војува

Расте притисокот врз Германија да престане да увезува руска енергија од морални причини. Каков би бил финансискиот ефект и колку тоа би влијаело на способноста на Русија да ја финансира војната во Украина?

Сѐ пожестока е дебатата за итен прекин на увозот на нафта и гас од Русија. Со тоа би се запрело финансирањето на војната на Путин, аргументираат заговорниците на оваа мерка. Германскиот министер за економија Роберт Хабек од Зелените изјави дека донесувањето на одлуката за тоа претставува „конфликт меѓу срцето и главата, меѓу емоциите и расудувањето“. Од една страна, прашањето е дали Германија може да го одржи снабдувањето со енергија без руски гас и нафта. Од друга страна, се поставува прашањето каков би бил вистинскиот ефект од ваквата забрана за увоз врз Кремљ.

Досегашните трошоци на Русија се релативно ниски

„Најскапите елементи во оваа војна – тенкови, ракети и авиони се веќе одамна купени, уште во изминативе години и децении, и сѐ е веќе платено, ” објаснува Јенс Клуге, експерт за Русија од берлинската Фондација за наука и политика, СЕП во интервју за германскиот јавен сервис АРД. Единствени трошоци што ги имаат сега се за потрошен материјал како што се нафта или дизел.
„Тоа на Русија во моментов не и проблем да го плати,” вели Клуге.

Според неговите проценки, дополнителните трошоци над нормалниот воен буџет, како што се надоместоците за војници или превоз, се релативно мали, од околу 10 до 20 милиони евра дневно. Во минатото се направени навистина големи инвестиции на на ова поле – со помош на Западот, забележува Клуге. „Ние веќе го дадовме нашиот финансиски придонес во војната. Со увозот на енергенси во изминатите години и децении, ѝ овозможивме на Русија да се вооружи“, вели овој економист. 

Приходите од извозот се слеваат во рускиот државен буџет

Русија лани само од нафта и нафтени деривати заработила околу 180 милијарди долари. На тоа треба да се додадат околу 64 милијарди долари од природен гас. Само Германија во јануари увезла нафта и  природен гас од Русија  во вредност од 2,6 милијарди евра, објави германскиот Завод за статистика неделава.
Според Центарот за истражување на енергија и чист воздух (CREA), земјите-членки на ЕУ од почетокот на војната плаќаат 430 милиони евра дневно за гас и 230 милиони евра за нафта и нафтени деривати. Вкупно, повеќе од 15 милијарди евра се влеале од ЕУ во Русија од почетокот на инвазијата досега за фосилни горива. Според експертот на СВП, Клуге, земјата сега заработува речиси милијарда евра дневно.
„Ние  не ја финансираме директно руската војска,  но заедно со другите увозници го финансираме рускиот државен буџет,” вели ескпертот. А меѓу 20%и 25% од буџетот е наменет за армијата. 
Сѐ уште се плаќа 
Веќе при екстракција на нафта и гас, руските компании како Газпром и Роснефт на државата треба да ѝ платат даноци за производство.  Доколку енергенсите се извезуваат, се плаќа и данок на извоз.
„Овие две компоненти извозниците во руската држава ги плаќаат во рубљи и се врзани за цената на светскиот пазар. Колку се поскапи нафтата и гасот, толку е поголем уделот што завршува во државниот буџет“, објаснува Клуге.
Притоа државните корпорации делат дивиденда и плаќаат данок на добивка.

Целиот текст на Дојче Веле 48https://www.dw.com/mk/%D0%BF%D1%83%D1%82%D0%B8%D0%BD-%D0%B8%D0%BC%D0%B0-%D0%B4%D0%BE%D0%B2%D0%BE%D0%BB%D0%BD%D0%BE-%D0%BF%D0%B0%D1%80%D0%B8-%D0%B7%D0%B0-%D0%B4%D0%B0-%D0%BF%D1%80%D0%BE%D0%B4%D0%BE%D0%BB%D0%B6%D0%B8-%D0%B4%D0%B0-%D0%B2%D0%BE%D1%98%D1%83%D0%B2%D0%B0/a-61202548