Град Скопје со подршка за Пунктот за бездомни лица. Арсовска претходно парите за угостителски услуги ги пренамени за бесплатни оброци за ранливи категории

Град Скопје со поддршка за активностите на Црвениот крст на град Скопје за згрижување на бездомни лица на подрачјето на град Скопје во пунктот и прифатилиштето за бездомни лица. Договорот за соработка помеѓу Градот Скопје и Црвен крст на град Скопје денеска го потпишаа скопската градоначалничка Данела Арсовска и секретарот на Црвен крст на град Скопје, Сузана Тунева Пауновска.
-Активностите на Пунктот за бездомници на Црвен крст се поддржани од Град Скопје. Прифатилиштето за згрижување и привремено прифаќање на лицата бездомници овозможува засолниште, дневен престој со оброк, здравствена заштита, услови за одржување хигиена и други психосоцијални услуги. Бездомните лица во овој центар добиваат хигиенски услуги, чисти алишта, берберски услуги, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог и топол оброк, соопштија градските власти.
Пред два дена Арсовска се откажа и од угостителските услуги договорени од претходниот градоначалник и средствата ги пренамени за оброци за ранливи категории на граѓани.
– Средствата од договорот склучен со три угостителски субјекти од страна на претходното градско раководство, во вредност од околу 32.000 евра ќе бидат пренаменети за бесплатни оброци за граѓани од социјално загрозени категории преку „Ретвитни оброк“ и Црвениот крст на Скопје – објави таа.
– Ова ќе биде практика на градот секоја година. Наместо угостителски услуги како непродуктивен трошок, ќе се користат овие средства за социјално загрозени граѓани. Оваа инцијатива за пренамена на средствата за оброци за социјално загрозени лица е еден од чекорите на Град Скопје за поактивна вклученост на градот во подобрување на квалитетот на животот на социјално ранливите категории, особено кога наши сограѓани се соочуваат со егзистенцијални проблеми во време на економска и енергетска криза – истакна градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Таа ги повикува и останатите градоначалници да се приклучат на оваа иницијатива и сите средства за репрезентации или предвидени непродуктивни трошоци да се пренаменат за општествено одговорни активности со кои ќе се помогне во зајакнување на поддршката и грижа таму каде е најпотребно, со што дополнително ќе се помогне иницијативата на „Ретвитни оброк“ да се прошири на национално ниво.