јуни 10, 2023

Германија: За идентитетски прашања и јазик да не се преговара

Нема место за проблемите кои Бугарија ги отвора за македонскиот јазик и идентитет. Ваква порака испратија германските дипломатки Сузане Шуц и Сабине Штер на дебатата денес во Скопје.
Шуц, директорка за земјите од Западен Балкан и Штер директорка за европска политика во германското МНР, во Скопје пристигнаа од Софија и порачаа дека решение на македонско-бугарскиот спор мора да има, но во европски рамки.
–Прашањата дали зборувате македонски или бугарски или руски или украински, ова е едно прашање кое што не треба да биде, рече Сузане Шуц.

Германија, како што беше нагласено, не се откажува да работи на преговорите меѓу Скопје и Софија, но на македонската политичка елита останува тежината да размисли и покаже до каде може да оди во компромисот со Бугарија. Германскиот став е дека не може да се дозволи идентитетските прашања да бидат вклучени во преговарачката рамка.
– Вашата земја, владата и сите проевропски сили треба да донесат одлука до каде може да оди компромисот. Не верувам дека ќе се прави компромис за националниот идентит, меѓутоа може да има компромиси на другите работи во однос на чекорите на пристапување, колку другиот ќе попушти, колку другиот ќе прифати, смета Сабине Штер директорка за европска политика во Министерството за надворешни работи на Германија.
Од македонска страна беше испратена порака дека месец јуни е клучен за датум за преговори на Македонија со ЕУ, а уште едно НЕ од ЕУ ќе придонесе за тешки последици во регионот и дополнително ќе го зголеми и притисокот врз Албанија да бара раздвојување на пакетот.