декември 2, 2023

Во Хрватска уапсен финансиер на УЧК, мафијашот Башким Османи

Водачот на криминална група која се занимава со продажба на дрога и перење пари Башким Османи од Косово во вторникот бил уапсен во акција на Европол во Хрватска.
Браќата Ќазим, Бурим, Беким и Башким Османи беа под истрага на Европол во операцијата „Црн орел“. Османи со години живеат во Германија, од каде што го прошириле својот бизнис во Шпанија, Белгија, Холандија и други европски земји, меѓу кои и во Македонија. Најголем дел од нивниот имот е сепак во Германија.

Парите заработени од криминал, наводно, подолго време се инвестирани во недвижнини и казина, а во албанските медиуми се претставени како моќни бизнисмени кои ја финансирале ОВК/УЧК и активностите на поранешниот косовски претседател Ибрахим Ругова. Дел од тие пари биле инвестирани и во Македонија. Надлежните органи допрва треба да го испитуваат потеклото на парите за тие бизниси и имоти во Македонија.

Браќата Османи контролираат цела мрежа за шверцување на кокаин од Јужна Америка во Европа и перење на заработените пари. Според истражителите кои учествуваат во оваа голема меѓународна акција, на чело на оваа криминална организација е Башким Османи, кој е приведен во вторникот во неговиот хотел во Пореч по налог на шпанската полиција.

Белгиските медиуми објавија дека во акцијата за апсење на Башким Османи учествувале 600 полицајци од седум европски земји.

За педесетгодишниот Башким Османи се вели дека е мафијашки бос кој заедно со еден од неговите браќа во 2008 година веќе беше осуден на четири години затвор за економски криминал. Според шпанските медиуми, Османи често престојува на Мајорка, каде што биле уапсени неговата сопруга и татко.

Европол во текот на истрагата досега откриле 30 милиони евра „испрани“ пари, како и недвижен имот на Мајорка, 86 слики во масло вредни пет милиони евра, седум луксузни автомобили, 16 луксузни часовници, 203.000 евра во готовина и 40.000 во криптовалути.