септември 27, 2023

„Бајки од Македонија“ ја претставуваат Македонија сега и на јапонски јазик

Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ продолжуваат да ја докажуваат својата универзална вредност. Осум бајки и басни што се дел од овие изданија отсега ќе бидат достапни и на јапонски јазик и во нив ќе можат да уживаат и децата од Јапонија. Бајките „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Вејко Северко“, „Двата цара“, „Девојчето и дванаесет месеци“ и басните „Војската на лавот“, „Лакомата меца“, „Кучето и зајакот“ и „Жабата и зајакот“ во јапонските изданија добија и автентична илустрација со што уште повеќе им се приближуваат на јапонските читатели.

Досега „Бајки од Македонија“ се преведени на седум јазици и на Брајовото писмо, наградувани се во светот и во земјава и се едни од најпродаваните книги за деца кај нас. „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ се во издание на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, а во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“. Јапонските изданија се веќе достапни во училишните библиотеки во Јапонија.
„Фактот дека во ’Бајки од Македонија‘, сега ќе можат да уживаат и најмладите Јапонци е најголемата награда за нашиот вложен труд, време и средства, но и најмоќниот начин за ширењето на македонската автентична култура низ светот. Тоа е потврда дека вистинските вредности секогаш се препознаваат. Фактот дека овие изданија успешно ги надминуваат националните културолошки рамки и нивните универзални пораки допираат до секој човек на планетава е огромна сатисфакција за оваа наша хуманитарна работа. Продолжуваме со иста посветеност да создаваме нови успешни приказни“, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на извршниот одбор на „Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“
Во 2020 година Бајки од Македонија“ се најдоа меѓу 200 најдобри книги за деца во светот. Илустрираната книга „Бајки од Македонија за цела година” е вброена на престижната листа White Ravens, помеѓу 200 најдобри книги за деца и млади во светот, избрана во конкуренција на книги од 56 држави објавени на 36 јазици.
Интернационалната младинска библиотека од Минхен, секоја година објавува листа на 200 книги за деца и млади од автори од целиот свет, кои ги препорачува како најдобри книги за деца и млади за изминатата година и ги објавува во посебен каталог White Ravens (бели гаврани).