Ако Западот забрани увоз на руската нафта и гас барел ќе скокне над 300 долари

Доколку Западот одлучи да ја бојкотира руската нафта, цената на барелот може да порасне до 300 долари за барел, тврди рускиот вицепремиер Александар Новак.
Западните земји, на чело со САД, ја разгледуваат опцијата да го забранат увозот на руска нафта со цел да предизвикаат дополнителен економски притисок врз Русија поради нејзината инвазија на Украина. Русија е трет по големина производител на нафта во светот, но и најголем извозник на „црното злато“.
– Апсолутно е очигледно дека откажувањето од руската нафта би довело до катастрофални последици за светскиот пазар. Порастот на цените ќе биде непредвидлив – повеќе од 300 долари за барел, ако не и повеќе. Истовремено, ќе биде невозможно брзо да се заменат количествата руска нафта на европскиот пазар, што ќе трае повеќе од една година, а во исто време ќе биде многу поскапо за европските потрошувачи. Во такво сценарио тие ќе станат главни жртви, објасни Новак на руската државна телевизија.
Новак исто така рече дека, во врска со, како што ги нарекува, „неоснованите обвинувања поради енергетската криза во Европа и наметнувањето забрана за гасоводот Северен тек 2, Русија има целосно право да носи реципрочни одлуки и да воведе ембарго за испорака на гас преку Северен тек 1 која моментално е во полн ек“.
-Но, оваа одлука засега не ја носиме бидејќи никој нема да има корист од тоа, иако европските политичари со своите изјави и обвинувања нè повикуваат на тоа. Русија гарантира дека ќе обезбеди највисоко можно ниво на енергетски ресурси на меѓународниот пазар, оставајќи ја енергијата надвор од доменот на политиката. Но, ќе ги преземеме сите законски мерки за да ги заштитиме нашите компании, партнери и потрошувачи за да обезбедиме стабилно и предвидливо снабдување со енергија на долг рок, рече Новак.
Русија знае каде може да ја пренасочи енергијата во случај САД и Европа да ги отфрлат, рече Новак, додавајќи дека Москва „гледа притисок врз партнерите, трговците, транспортните компании и банките да го отфрлат купувањето на руска нафта и нафтени деривати“.